Протест на наставници во Хемиското училиште во Скопје

Професори од скопското средното хемиско училиште „Марија Склодовска – Кири“ претпладнево ја бојкотираа наставата во знак на протест бидејќи им е назначен нов в.д директор, етнички Албанец. Лути се бидејќи директорот бил поставен без одобрение од Училишниот одбор и најава. Професорите се плашат дека поради новиот директор, ќе се запишуваат помал број ученици Македонци и ќе се намалат паралелките на македонски јазик.

„Ние не сакаме директорот да биде Албанец, бидејќи имавме лошо искуство пред неколку години. Гимназиските паралелки кои ги отворивме ги изгубивме, 3-4 години веќе како не се запишуваат ученици во овие паралелки“, велат професори од ова училиште.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов смета дека со назналувањето нов в.д. директор не е нарушен  образовниот процес, а назначениот в.д. директор ги исполнува сите законски услов.

„Мислам дека нема простор за револт, ниту за каков било триумфализам.  Политиката не смее да влезе во училиштата и јас како градоначалник тоа нема да го дозволам“, изјави градоначалникот Шилегов кој ги повика наставниците да не изразува револт на како во случајот.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми пак посочи дека е недоволно информиран за случајот и нагласи дека во образованието не треба да се креираат тензии и поделби.

„Треба да сме заинтересирани за квалитетот на образовниот процес. Не ни треба ниту триумфализам, освен посветеност за реализација на квалитетен образовен процес. Ако има простор за каква била одговорност, ќе ја побарам. Но бидејќи не сум во детали информиран, можеби е потребна средба со наставниците и со сите засегнати страни во овој случај“, рече Адеми.

Наставниците најавија дека со протестот ќе продолжат и утре, се до решавање на проблемот.