Промовирана ПИНА – Платформата за истражувачко новинарство и анализи

Создадена од млади новинари, ентузијасти и професионалци, новата Платформа за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, ќе се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Истовремено, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.

Денеска беа пуштени веб страницата на платформата pina.mk, нивната Фејсбук страница, и беше најавено одржување на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје (ИФФС), неколкудневен настан кој за прв пат се случува во Македонија.

Идејата е pina.mk да прерасне во медиумска платформа со квалитетни и професионални истражувачки стории и новинарски анализи, интервјуа, како и поважни вести и мислења за значајните теми кои ги засегаат граѓаните во Македонија.

„Се надеваме дека ПИНА ќе внесе свежина и нова енергија во домашниот медиумски пејсаж со презентирање и промовирање на нови лица во медиумскиот дискурс, како и стории кои се игнорирани од мејнстрим медиумите во земјата. Нашата мисија е пред сѐ да ги најдеме сториите кои најмногу го оптоваруваат и отежнуваат секојдневието на граѓаните“, посочуваат од ПИНА.