Промоција на збирката раскази „Животот е … убав“

Вечерва во „Литературно кафè Метаноја” (Максим Горки 19) со почеток во 19 часот ќе се одржи промоција на збирката раскази „ЖИВОТОТ Е … УБАВ“ од Коста Милков во издание на „Метаноја”.

Воведен збор ќе има директорката на „Метаноја” Нада Милкова, а промотори на книгата се Оливера Ќорвезироска и Владимир Мартиновски. Избор од расказите ќе читаат Ана Голејшка и Ѓоко Здравевски.

Промоцијата ќе биде збогатена со музички илустрации од Драган Даутовски.

Од рецензијата на Оливера Ќорвезироска:

„Милков раскажува лирски, лесно. Тој е роден раскажувач кој во текстот умее наративно да флертува со дијалектите, со јазичните разлики и отстапки, да ко- ристи техники типични за препознатливите книжевни писма од сопствената лектира (не само книжевна), но и техники кои како да се извлечени од други уметности, конкретно – од филмот. Длабоките морални дилеми се есенцијата на оваа проза. Има и љубов и проституција, и синхроницитети и антиципации, и бегалци и сведоци,.. но и фини раскажувачки техники.”

Од рецензијата на Владимир Мартиновски 

„Поместени во четири компактни циклуси („Одекнувања“, „Созерцанија“, „Вдахновенија“ и „Доживувања“ ), расказите и микрофикциите на Коста Милков суптилно осцилираат околу една моќна обединувачка тематска оска – топосот на бекството. Принудни или доброволни, ненадејни или очекувани, единствен избор или „спас во последен час“, бекствата на протагонистите на овие приказни се секогаш пресвртни точки во нивните животи. Затоа збирката раскази Животот е… убав е книга од која нема бегање за сите страствени љубители на кратката проза.”