Промоција на стихозбирката „Небесна геометрија“

„Небесна геометрија“, третото дело на младиот поет Андреј Ал-Асади, денеска ќе биде промовирано во Младинскиот културен центар во фоајето на кино „Фросина“ во 20 часот.

Стихозбирката, издание на „ПНВ Публикации“ ќе биде промовирана од Ѓоко Здравески, а модератор на настанот е Јулијана Величковска.

„Оваа книга изобилува со поетски слики што ги напаѓаат читателските сетила, со свежи, неизлитени метафори, мислата патува во сфери од човековата свест до кои ретко се стигнува, таа комуницира со древни знаења, а она што е напишано во песните е очигледно доживеано некаде во внатрешните светови на лирскиот субјект и тоа ги прави веродостојни и привлечни за читателот. Ако му се пристапи херменевтички на овој ракопис, во него ќе се откријат референции кон источната филозофија, онаа далекуисточната, индиската, но и референции кон арапската култура“, се вели во најавата на настанот.

Андреј Ал-Асади е автор и на стихозбирките „Midnight Blues” (2014) и „Под дервишовото сиќе“ (2018). За збирката раскази „Друго минато“ во 2018 година ја добива наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“.

Учествувал на повеќе поетски читања меѓу кои и на Струшките вечери на поезијата.