Промоција на романот „Виенски Гамбит“ од Анде Јанков во Велес

Во Ликовниот салон во Велес, овој петок со почеток во 19 часот ќе се одржи промоцијата на романот „Виенски гамбит“ од домашниот автор Анде Јанков. Во издание на Книжевниот центар „Антолог“, романот ќе биде промовиран од страна на авторот Денис Бојаров.

„Виктор Николов е 33-годишен инспектор на Одделението за крвни деликти од Скопје. За време на својот летен одмор, заминува за Виена во посета кај својот помлад брат Даниел, пропаднат писател што одвај преживува работејќи како бармен во еден елитен ноќен клуб. Додека ја истражува неодоливата Виена, Виктор ја запознава Карен Фишер, Австријката со која истата вечер завршува во кревет. Но прекрасната ноќ се претвора во кошмарно утро. Девојката на Даниел е пронајдена мртва, а тој нема алиби. На површина излегуваат неодамнешните расправии меѓу нив и ситуацијата се заплеткува во неочекуван правец“, вели краткото сиже на романот.

Својата скопска промоција романот ја имаше на 23 јули на платото на Младинскиот културен центар.

Настанот ќе биде организиран во согласност со протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.