Промоција на публикацијата „Нашиот пат“ – 25 женски приказни од историјата

Публикацијата „Нашиот пат“, која претставува збирка на 25 женски приказни од историјата, ќе биде промовирана на 1 октомври во кафе-книжарницата „Буква“.

Книгата претставува водич по културната, политичката и географската траекторија на Северна Македонија, во чијшто тек учествувале избраните 25 жени.

„Книгата зборува за жени кои замислиле подобар заеднички свет и дејствувале активно; го создавале на воениот фронт, во науката или во социјалниот живот: курирки на народните движења, неформални министерки за социјална правда, партизанки, политичарки, писателки, уметници, први индустриски работнички, културни работнички, борки за човекови права, но и антагонистички мисионерки“, објаснуваат авторките.

На промоцијата ќе се обратат и трите авторки Ивана Хаџиевска, Јана Коцевска и Ивана Драгшиќ, кои ќе зборуваат за феминистичката страна на местата и приказните поврзани со нив, но и за процесот на документација и прибирање на материјалите.

Проектот „Жени за жени“ (WoW – Women on women) се фокусира на родовата еднаквост преку феминистичката перспектива, следејќи го наследството на жените од позицијата на жените од различни социјални и културни позадини.

За време на настанот, книгата, во пакет со хрватската и словенечката публикација со иста тематика ќе бидат бесплатни, но во ограничен број.

„Во време кога се чини дека секојдневно се наоѓаме на некаква општествена, културолошка и политичка крстосница, овие приказни се потенцијална мапа за изнаоѓање на алтернативни начини на дејствување. Овие жени и места, како и приказните што ги спојуваат, не се паралелни или секундарни наративи, туку една од двете историски артерии во срцето на денешното општество, често изоставена од историите на градење и уривање на многу локални светови“, објаснуваат авторките.

Достапна е и онлајн  мапирана архива од приказните од македонското, хрватското и словенечкото издание, која е достапна тука.