Промоција на поетската збирка „Аптека“ од Ивана Харикли

Третата збирка поезија на Ивана Харикли – „Аптека“ ќе има своја промоција во Младинскиот културен центар во сабота, на 17 октомври. На книжевната промоција која ќе започне во 20 часот, ќе може да се проследи и музиката на Ивана, која креира под псевдонимот „Seerma“.

Поезијата на Харикли досега е објавена во неколку антологии, дигитални публикации, книжевни списанија, локални и меѓународни фестивали. Дел од песните од нејзината прва поетска збирка „Минден Вернакулар“ се достапни и како музички записи.

За време на промоцијата, присутните ќе имаат можност да бидат дел и од #мојmuseum.

„#Мојмузеј е трансмедијална приказна која почна од потребата за свесно реобмислување и вкоренување на сопствениот глас како Жена од Балкан. Со таа цел, пред речиси три години почнав фокусирано да отпакувам интернализирани вредности, инертни состојби и стереотипни наративи кои ги доживував околу и низ себе“, вели Харикли.

Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители ќе биде намален, а носењето маски ќе биде задолжително.