Бендот Суперхикс утре (3 март) го промовира својот нов албум, Underground Evergreens. Промоцијата ќе се одржи во просториите на музичката продавница Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат) со почеток во 13:00 часот.
Албумот е сниман, миксуван и мастериран од страна на Мите Димовски, Тра Ла Ла Студио – Скопје, а еден мал дел е сниман и во студиото на Ивица Јанкуловски. Дел од композициите се реализирани и со гостите на Суперхикс за ова студиско издание, меѓу кои сретнуваме имиња како Канџија и Токсара од Хрватска, но и македонските музичари Киклоп и Александар Конга.
Дизајнот на албумот е направен од дизајнерот Томи Џуровски.
Покрај објавувањето на ЦД форматот кој излегува овој петок, Суперхикс најавуваат дека за овој албум наскоро ќе биде изработен и винил.
Новото студиско остварување на Суперхикс ќе биде објавено на 3-ти март, датум на кој во 1994-та година бендот го имаше својот прв настап. Со тоа, ова е и одбележување на 23 години од постоењето на Суперхикс.