Промоција на книгата „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска – Анѓелков во КИЦ

Книгата „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска – Анѓелков ќе биде промовирана во вторник (7 март) во Културно информативниот центар (КИЦ).

Промоцијата ќе започне во 19:00 часот во Салон 19:19. Промотори се Билјана Драгичевиќ-Пројковска и Предраг Павловски, кои како што се вели во најавата, покрај извадоци од книгата ќе прикажат и видео-посвета на писателот и прозен хроничар Благоја Иванов.

„Новото прозно дело на авторката е посветено на старо Скопје, градот кој веќе го нема, но сепак тој и понатаму живее во сеќавањата на неговите жители“, се вели во описот за книгата.

Писателката Калина Малеска за книгата забележува дека е „еден вид на ‘Музеј на сеќавањата’, како што се вели и во самиот текст, на скопски маала кои постоеле и веќе ги нема, кои постоеле и сè уште постојат, кои постоеле под едни имиња, а потоа се интегрирале со други населби и имињата останале само во сеќавањата на нивните жители“.

Снежана Младеновска – Анѓелков е магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ кој е објавен во две изданија ја доби наградата „Роман на годината“. Таа е автор на уште еден роман и на филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски.