Промоција на „Кинематографијата на другара Европа“ и новиот број на „Кинопис“ во Кинотека

Книгата „Кинематографијата на другата Европа“ од Дина Јорданова заедно со 61. број на филмското списание „Кинопис“ ќе бидат промовирани во вторник (4 април) во просториите на Кинотеката на Северна Македонија.

Промотори на двете изданија ќе бидат Саша Станишиќ, филмски режисер и проучувач на филмот и Јане Алтипармаков, филмски режисер и автор. Настанот ќе започне во 12 часот.

За време на промоцијата ќе ѝ биде доделена плакета на Илинденка Петрушева, доајен на филмската мисла и критика во земјава. Плакетата, информираат од Кинотека, ќе ѝ биде доделена по повод почесен уредник на „Кинопис“.

Во изминатата 2022 година Кинотеката реализираше три печатени изданија од областа на филмот, „Иницијација и покајание“ од Атанас Чупоски, преводот „Мојот последен здив“ од Луис Буњуел, и последното, односно преводот „Кинематографијата на другата Европа“ од Дина Јорданова.