Мултимедијална промоција на збирката песни „Карши“ од Маријана Котевска-Георгиева

Со мултимедијален настан, на 3 октомври, недела, со почеток во 19 часот, во Капан ан, ќе биде промовирана збирката песни „Карши“ од авторката Маријана Котевска-Георгиева.

Промотори на книгата која е објавена на македонски и англиски јазик во издание на „Арс Либрис“ ќе бидат Иван Додовски и Сузана В. Спасовска, додека модераторка ќе биде Татјана Димовска-Атанасова.

„’Карши’ е книга за бескрајот на прапочетокот и на иднината кои дишат одеднаш, во исто време во стравот од крајот на мигот. Кои сме ние наспроти (карши) другите: себеси, светот, животот воопшто? ‘Јас сум процес, не човек’, вели Котевска-Георгиева во една од песните од кои речиси како да отсуствува допирливата, материјална и практична егзистенција. Во нејзината метафизичка поезија постојано лебди чувството на немоќ да се пронајде и да се живее вистината, ниту во себе, ниту во другиот“, пишува меѓудругото во најавата за настанот.

За време на промоцијата пак, ќе биде поставена и изложба на академската сликарка Сандра Котевска. Организаторите најавуваат и дека специјален гостин на настанот ќе биде Бранислав Николов, вокалистот на групата „Фолтин“ кој е предвидено да има интерактивен настап.