Промоција на антологијата на современи македонски поетеси

На фестивалот „BookStar“ утревечер, во 19 часот, во Јавна соба, ќе се одржи промоцијата на антологијата „Ова е моето последно молчење“ со поднаслов „Панорама на актуелни современи македонски поетеси“.

Приредувачки на книгата се Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а ќе ја промовира Весна Мојсова-Чепишевска. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Изненадување на вечерта ќе биде поетското караоке, а забавата продолжува на роденденската собиранка на Јавна соба со ДЏ сетот на Марко Настиќ.

„Ова е моето последно молчење“ има цел да ги претстави современите македонски поетеси што активно творат од почетокот на новиов век. Станува збор за панорамски преглед со избор од неколку песни што најдобро ќе го претстават личниот севкупен поетски печат на авторките, од поетеси од различни генерации, активни на сцената со по неколку објавени авторски книги поезија на македонски јазик. „Ова е моето последно молчење“ не претставува селективно групирање на авторски дела со слична и обединувачка или тематско-мотивска нишка, туку ги обединува колешките по перо и, како што ги нарекува феминистичката критика, „сестрите по род“, со веќе докажана естетска и книжевна вредност, во заедничко дело, кое ќе претставува глобално огледало на женското писмо во дваесет и првиот век во Македонија, наместо персонално претставување на одреден број авторки.

Ваков тип книга не е битен само од книжевен и од родов аспект туку и од национален и со нејзиното објавување Македонија ќе може да застане рамо до рамо со другите современи и напредни земји, кои функционираат не само демократски туку и демократски-родово, бидејќи овој тип обединувачки зборници се историско-културолошки неопходни.

Викендов на програмата е и настанот „Слушаме приказни“ во рамки на детското катче. Во сабота, 30 октомври, во 12 часот во Јавна соба ќе се одржи читање на приказни за деца под водство на актерката и продуцентка Лабина Митевска. Во април годинава се одржа првиот настан „Слушаме приказни“. Дечиња од различни возрасти ќе имаат можност да ги слушнат најубавите книжевни приказни, на оригинален начин интерпретирани од нашата позната актерка.

Фестивалот „BookStar“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба.