Програма за петтото издание на Филозофскиот филмски фестивал во Скопје

 Петтото издание на Филозофскиот филмски фестивал, кое ќе се одржи од 1 до 4 април оваа година, доби нов простор. Наместо во Институтот за филозофија, фестивалот ќе се реализира во Кинотека на Македонија.

„Овогодинешното јубилејно, петто издание, ќе биде најамбициозно досега. Оваа година Филозофското филмско фестивалче „порасна“ во Филозофски филмски фестивал и се пресели од Институтот за филозофија во простор посоодветен за намената – Кинотеката на Македонија“, велат организаторите.

Во Програмата за првпат се воведени фил(м)ософски работилници наменети за студентите, а оваа година покрај редовните проекции на филмови и излагања на теми по кои ќе следува дискусија, ќе се одржи и мастер час со филозофот и режисер Игор Иванов – Изи.

Програмата на Фестивалот ќе содржи три класични филмови од македонската и светската продукција, елаборација на теми поврзани со филозофијата и филмот со Иван Џепароски, Ристо Солунчев и Стефан Сидовски – Сидо, како и простор за отворена дискусија и прашања од публиката.

Со ова, како што велат организаторите, Филозофскиот филмски фестивал и понатаму се посветува на создавањето простор за размена на автентична и критичка мисла преку приближувањето на филозофијата низ призмата на филмот до секој човек и љубител на филозофијата.