[Програма] Петнаесет филмови на „Скопје синема сити“

Музиката и нејзиното филмско претставување е во фокусот на програмата на четвртиот фестивал „Скопје синема сити“ (ССС) чие летно издание ќе се одржува од 6 до 10 јуни во Кинотеката на Македонија. Во петте фестивалски дена ќе бидат прикажани 15 филмови.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот за јапонскиот композитор Руичи Сакамото „Кода“ во режија на Стивен Номура Шибле. Филмот беше прикажан премиерно на филмскиот фестивал во Венеција во 2017, а потоа и на годинашното Берлинале.

Фестивалот има и претфестивалска програма, односно ќе се отвори изложба на џез фотографии на реномираната џез фотографка Татјана Ранташа со фотографии на истакнати македонски џез уметници од различни генерации насловена како„Македонска џезтетика – Ранташа Татјана, фотографии“. Паралелно со нејзината изложба свој настап ќе има и Гоце Стевковски Квинтет. Бидејќи централно место има музиката оваа изложба кореспондира со селекцијата на џез филмови и од домашна и од странска продукција кои се на програмата. На програмата се застапени филмови за познатата музичка куќа „Blue Note Records: Приказна за современиот џез“, „Сан Ра: Братот од другата планета“, „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“ заедно со кратки филмови од продукцијата Види Вака за Зоран Маџиров  и Драган Ѓаконовски Шпато.

Покрај посветата на Сакамото, вториот ден фестивалот ќе му оддаде почит и на најпознатиот композитор на денешницата, Филип Глас со прикажување на филмовите „Филип Глас: Гледајќи го Глас“ и култниот уметнички филм „Којанискатси“.

На 08.06 ќе бидат прикажани посебен осврт на артисти кои го носат белегот на необични, авангардни и шарени. Покрај веќе спомнатиот Сан Ра, ќе се прикаже филмот „Лунарна Орбита“ за познатиот електронски состав The Orb, за да после нив следи Визијата за рајот на Ли Скреч Пери.

На 09.06. Ќе бидат прикажани филмовите за Бил Еванс, кој е еден од најпознатите џез пијанисти на сите времиња и „Буена Виста Соушал Клаб, Адиос“, за кубанскиот феномен.Покрај овие филмови ќе се прикажат и два филма на македонскиот режисер Јoрдан Дуков за македонските состави „Љубојна“ и „Conquering Lion“ инаку дел од Телма докубенд серијалот.За завршниот ден ќе бидат прикажани филмовите „Студиото Ханса крај ѕидот 1976-90“ и „Кобејн: Монтажа на еден пекол“.

Билети може да се купат на билетарницата на Кинотека на Македонија и онлајн на МКтикетс.