Прогласени победниците на европскиот постер конкурс „Инклузија, не ексклизија“

Осум автори ја понесоа главната награда на предизвикот „Инклузија, не екслузија“ на европскиот постер конкурс на кој учествуваа студенти од цела Европа, како дел од како дел од 13. издание на Скопје постер фестивалот.

Победници на конкурсот се: Стефан Симоновски и Теодора Младеновска (Северна Македонија), Денис Несмејанов (Русија), Еце Батур (Турција), Едуардо Рибеиро (Португалија), Лука Прстојевиќ (Србија), и Клаудиа Заблоцка и Џина Парк (Полска).

„Скопје постер фестивалот во реализација на својата мисија има зацртано да делува на полето на подигање општествена свест за глобалните предизвици – оваа година тој предизвик е насловен „Инклузија, не ексклузија“. Тема на 13-от европски конкурс за изработка на плакат, Плакарт – Здружението на графички дизајнери и Советот на СПФ одлучија да биде вклученоста на најранливите групи во општеството. Студентите од Европскиот континент, преку своите дела, изразија цврст став за разбивање на стигмите и табуата поврзани со лицата од социјалната маргина, дискриминираните и несоодветно вклучените инивидуи и општествени групи. Студенти од речиси целиот континент, од Португалија до Турција, од Велика Британија до Русија учествуваа во конкурсот“, велат од СПФ.

Наградата која ја добиваат 8-те автори е патување и учество во еднонеделна off-town работилница во Преспа, на која учесниците заедно со врвни менторите од Швајцарија (Штефан Бунди) и Северна Македонија (Костадин Танчев-Динка) ќе работат на создавање дополнителни дела кои ќе бидат изложени во рамки на патувачката турнеја на 13-тото издание на СПФ, почнувајќи од 15 јули.

Како најава за изложбата на финалиситите од конкурсот, која ќе биде отворена на 17 јуни во МКЦ во рамки на 13. Скопје постер фестивал, во текот на вчерашниот ден на платото и паркот во кругот на Младинскиот културен центар дечиња од Посебното основно училиште „Иднина“ цртаа со искористување на различни техники, а со цел подигање на свеста за нивната рамноправна улога во општеството. Делата на дечињата ќе бидат понудени на продажба во хуманитарни цели, токму на отворањето на изложбата на 17 јуни, каде донаторите ќе може и да се сретнат со авторите.

Проектот „Инклузија, на ексклузија“, организиран со поддршка од Амбасадата на Швајцарија, свое финале ќе има со организација на серија изложби со делата од финалистите, надополнети со сите дела креирани од страна на победниците за времетраењето на работилницата во Преспа.