„Про-книжи го умот“ – серијал дебати за култни европски автори и дела

Првата дебата од серијалот „Про-книжи го умот“, платформа за креативен дијалог низ култни европски автори и дела, ќе се одржи на 6 април (среда), во ЕУ Инфо центар.

Како дел од „Културните приказни“ на Делегација на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје, проектот има цел низ интерактивни модели на културна продукција,трибини и дебати да одбележи неколку јубилеи и годишници во 2016 година на европски дела и автори како Ерих Фром, Валтер Бенјамин, Џорџ Орвел, Алдоус Хаксли, Мишел Фуко, Жак Лакан и други.

Трибините ќе бидат од отворен карактер и ќе се случуваат во различни градови како Скопје, Битола, Тетово, Велес и други. Панелисти ќе бидат истакнати уметници, писатели, професори, филмски и театарски режисери, литературни критичари, итн.

Првата дебата е закажана на 6 април, среда, во ЕУ Инфо центарот во Скопје со почеток во 20:00 часот, а е во чест на авторот Ерих Фром и неговото култно дело „Да се има или да се биде“. Темата е „Антиконсумеризмот во ера на продавање брендови и души“. Панелисти се писателот Гоце Смилевски и писателот и професор Владимир Мартиновски. Серијалот на дебати со различни автори и теми продолжува во текот на април и мај. Влезот на трибините е бесплатен.