Пријавување проблем во Карпош преку веб-платформа

Преку веб-платформата www.prijavi.mk граѓаните на Општина Карпош, од денеска ќе можат да пријавуваат повеќе проблеми од областа на хигиената, јавното осветлување, загадувачи на воздух, ударни дупки и други јавни комунални услуги.

За реализација на оваа цел, Општина Карпош и невладината организација НЕКСУС – Граѓански Концепт, склучија Меморандум за соработка кој се однесува на одржувањето на оваа платформа, начинот на пријавување на проблем и комуникација со граѓаните.

Градоначалникот Стефан Богоев на овој начин се олеснува комуникацијата меѓу граѓаните и локалната самоуправа.

„На поедноставен начин, со еден клик и споделување на фотографија жителите ќе може да пријават проблем, со што ќе заштедат и дел од своето време, а ќе се олесни работата и на општинската администрација“, рече Богоев.

Претседателката на НЕКСУС – Граѓански концепт, Афродита Муслиу, посочи дека оваа платформа е дел од Проектот „Граѓаните за општината: Работиме заедно за транспарентност и одговорност“, имплементиран од НЕКСУС и делумно поддржан со грант од Амбасадата на САД во Скопје. Со ова, според неа, Карпош како локална заедница ги следи трендовите и новите алатки за поголема двонасочна комуникација со засегнатите страни.