Pride Photo Award – изложба на победнички фотографии за 2016

Во Мала Станица утре (вторник) од 20 часот ќе биде отворена изложбата на победнички фотографии Pride Photo Award, организирана од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ (СЗПМЗ).

Во вклоп на изложбата, во среда од 11 часот во Мала станица, ќе се одржи панел дискусија на тема „Препознавање и признавање на сексуалната и родовата различност“, на која како гости говорници се најавени претставници од Советот на Европа и TRANSGENDER-Europe.

„Pride Photo Award е меѓународен годишен фотографски конкурс со фокус на сексуалниот диверзитет и родовиот идентитет. Секоја година фотографи ширум светот ги споделуваат своите најкреативни, најпредизвикувачки и нестереотипни погледи на родот и сексуалноста. Меѓународно експертско жири ги селектира најдобрите дела по што се организира светска изложба“, велат од Коалиција СЗПМЗ.

Од добиените 3.600 пријави поднесени од 398 фотографи од 70 различни националности, на изложбата ќе има селекција од победничките фотографии од едицијата од 2016 година. Изложбата веќе беше поставена во Амстердам, Болоња, Џакарта, Ханој и Сан Франциско.

„Pride Photo Award има за цел да допринесе кон поправичен и инклузивен свет преку видливост на сексуалниот и родов диверзитет и создавање свесност за ‘другиот’. Во време кога личните ставови се под силно влијание на визуелната информација, фотографијата нуди моќна и современа алатка за општествени промени. Сликите поседуваат уникатна моќ да едуцираат и информираат бидејќи ги надминуваат јазичните бариери и културните разлики. Преку доделување награди и изложување на фотографии во чиј фокус се прикажани приказни отаде очигледното, наградата за прајд фотографија го разоткрива она што се обидуваат да го затскријат малигните моќи и медиуми. Преку стремежот да се прикаже свет отаде конформистичките хетеронормативни толкувања на сексуалноста и поедноставените бинарни концепти за родот, Наградата за прајд фотографија разоткрива свет ослободен од стереотипите и предрасудите“, соопштува Коалиција.

Изложбата е во организација на Холандските амбасади во Тирана, Приштина и Скопје, во партнерство со Коалицијата СЗПМЗ, и со финансиска поддршка од Град Амстердам, и фондациите Ахмеа, Фондс 21, АФК и Трутфондс.