Претставата „Писмо некому“ оваа сабота во кино Култура

Оваа сабота во 12:30 часот во кино Култура ќе се прикаже претставата „Писмо Некому“ во продукција на Буден Театар.

Претставата е базирана на приказните на холандскиот автор за деца Тон Телехен и во неа се вклучени видео материјали од креативните работилници кои Буден Театар во рамките на проектот „Видео писма“ ги спроведуваше со децата бегалци сместени во Т.Ц. Табановце и децата од О.У. Кочо Рацин од Скопје.

„Преку овој проект успеавме да направиме чекор кон надминување на изолораноста во која се поставени децата бегалци, и да пронајдеме креативен начин, и покрај неможноста за директни средби,  да се запознаат со деца од Македонија и да развијат пријателство. Проектот исто така влијаеше на рушење на негативните стеротипи за бегалците, кои како резултат на медиумската пропаганда, се јавуваат кај македонските деца. По двомесечен процес во кој двете групи меѓусебно разменуваа видео пораки и си испраќаа дарови, оваа сабота, на 24 декември конечно ќе се оствари првата средба меѓу нив,  за време на која децата заеднички ќе ја погледнат претставата „Писмо некому”“, велат од Буден Театар.

Проектот „Видео Писма“ е финансиски поддржан од Цивика Мобилитас, а се реализираше во партнерство со СОС Детско село, О.У. Кочо Рацин и со логистичка поддршка од Кино Култура. Морална поддршка за реализацијата на овој проект добивме од МТСП, ЦУК Куманово, и УНЦХР. Екскурзијата на децата бегалци ќе се реализира со поддршка на Руле Турс.