Претседателот Иванов играше оро со студентите на Јејл

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов вчера одржа предавање за студентите на еден од водечките американски универзитети Јејл, во кое се осврна на актуелната ситуацијата и спорот за името со Грција. По предавањето тој играше македонско оро со американските студенти.

Иванов

Иванов во своето предавање се осврна на спорот за името и за состојбите во Македонија.

– Поради проблемот на Грција со нашето име, која не дозволува ние да се нарекуваме Македонци и да бидеме Македонија, ние сме надвор и од НАТО и од Европската унија. Ние мораше да се снајдеме како да го поминеме овој период. Со радост можам да кажам дека денес Македонија има најбрзо растечка економија од целиот наш регион, се отвораат нови работни места за младите кои не можат да чекаат години и години да се решаваат проблемите кои други ги наметнуваат. Нашиот економски успех придонесува младите да останат во Македонија, а нашите најуспешни поединци, живеат во Македонија, а работат за сетскиот пазар“, истакна Иванов кој додаде дека, додека односите на политичко ниво се тешки, односите меѓу обичните граѓани од Македонија и од Грција се можеби најдобри од постоењето на двете држави, јави МИА.

По обраќањето следеше прием организиран во негова чест каде настап имаше Женскиот хор од катедрата за славистика од Јејл, кои пееја традиционални македонски народни песни, за забавата да кулминира со орото на кое се фатија и претседателот Иванов и неговата сопруга Маја Иванова.

На предавањето на претседателот Иванов присуствуваше и Александра Георгиевска, студентка на додипломски студии која е единствената македонска студентка на овој водечки универзитет во САД.

– На Јејл има голем интерес за Македонија, особено на катедрата по етика, политика и економија, каде мојата теза е токму за проблемот со името. Колку повеќе се запознавам со спорот разбирам колку е комплициран и се помалку надеж имам дека во скоро време ќе се реши. Но, мислам дека е важно, бидејќи многу луѓе во САД не се ни свесни за постоење на овој проблем, да се сврти нивното внимание кон спорот за името, изјави Георгиевска.