Преку 17.000 уметнички дела го прикажуваат депортирањето на малолетни мигранти од Шведска

Уметничкиот колектив „Скапарколективет Форма“  (Skaparkollektivet Forma) создаде инсталација составена од 17.000 уникатни, мали, уметнички дела со кои се претставуваат мигрантите кои се очекува да бидат депортирани од Шведска.

Колективот ја дизајнираше инсталацијата насловена „17.000“, со цел да го прикажат бројот на непридружувани тинејџери за кои било планирано да бидат депортирани од Шведска во Авганистан. Во нејзиното реализирање учествувале над 1.500 уметници, а се направени над 500 уметнички дела споени едни до други.

„Во 2015 година, нашата мала земја прими 23.500 непридружувани малолетници од Авганистан. На нив им беше обезбедено сместување, образование, се приклучуваа на фудбалски тимови и навистина се водеше грижа за нив. Но, шведската влада испаничи и создаде нов закон, одлучувајќи да депортира 17.000 од нив“, објаснуваат од колективот.

Групата открила дека иако на 6.500 малолетници ќе им биде дозволено да останат во земјата и да студираат, сепак се очекува да бидат депортирани 8.500 лица. Со инсталацијата сакаат да покажат дека секоја бројка стои човек. Позади секоја фигура има личност, приказна, уметничко дело.

„Големиот имиграциски бран во последните години ги погоди сите во Шведска, вклучително и многу од нашите членови, од кои на некои им се закануваше депортирање“, објаснуваат од „Скапарколективет Форма“.

Поголемиот дел од членовите на колективот се непридружувани тинејџери и млади адолесценти од Авганистан, како и бегалци од Сирија, Ирак и Сомалија, додека остатокот од колективот го сочинуваат шведски државјани.

Членовите ја презентираат нивната работа на изложби, давајќи им можност да ги споделат своите приказни со посетителите. Според колективот, „17.000“ довела до тоа 20-тина организации да протестираат против депортацијата во Шведска, привлекувајќи го вниманието на јавноста и на носителите на одлуки.

„Инсталацијата влијае на сите, независно од возраста, јазикот и социјалната позадина“, додаваат од колективот.

Нивното уметничко дело влезе во потесен избор во категоријата дизајн на овогодишните „Dezeen“ награди.

Текст и фотографии: dezeen.com