Прекршочна пријава за професор кој натерал матурант да решава задачи на натпревар во име на син му

Професор од Неготино наместо своето дете од трета година, на државен натпревар однел дете од четврта, кое решавало во име на синот на професорот.

Матурантот освоил трето место. Реагирале родителите на матурантот, а за случајот биле известени и просветен инспектор и полиција. Од Државниот инспекторат за образование и од полицијата за МИА изјавија дека се запознаени со случајот.

„Во однос на натпреварот од електрострука на кој учествувале ученици и наставник од СОУ ‘Св. Кирил и Методиј’ – Неготино, Државниот просветен инспекторат има постапувано по реакција на група родители, во текот на јули 2019 година. Од Државниот просветен инспекторат констатирани се повреди кои ги сторил наставник, менторот на учениците, издаден е прекршочен платен налог за наставникот согласно Законот за средно образование, кој се однесува на психичко малтретирање на ученик и тој е реализиран“, велат од Инспекторатот, пренесува МИА.

Со записник било констатирано дека е известено и МВР. До училиштето Државниот просветен инспекторат било дадено и укажување со записник да се поведе дисциплинска постапка против наставникот.