Предавање „Речиси архитектура“ на Срѓан Јовановиќ Вајс во МСУ

Во Музејот на современа уметност (МСУ) вечер (25 октомври) од 19 часот ќе се одржи предавање „Речиси архитектура“ на Срѓан Јовановиќ Вајс, како дел од изложбата „Трета страна на стварноста“, курирана од Ивана Васева.

Според најавите, ова предавање ќе биде за политиката на моќта која вклучува род, раса и иновација.

„Ние сме во време на екстремна геополитика која влијае на многу луѓе. ‘Речиси архитектура’ алудира на таа тема, која не е само за изграден простор. Таа е за луѓе кои често искусуваат невидливи сили или не ги прават видливи за визијата на секој/а. Имајќи ја тезата на ум дека не можеме да седиме во удобни столчиња и размислуваме за кризата, што да правиме?“, се вели меѓу другото во најавата за настанот.

Изложбата „Трета страна на стварноста и предавањето „Речиси архитектура“ се поддржани од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје, Фондација Фридрих Еберт Скопје и организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.