Правосудните реформи, СЈО и новиот Јавен обвинител во фокусот на дебата на ЏЕФ

Какви реформи во правосудството ѝ се потребни на Македонија? Колку препораките на ЕУ се подобни за македонскиот правосуден систем? Кои ќе бидат приоритетите во работата на новиот Републичкиот јавен обвинител? Како новиот Обвинител ќе се справи со недовербата во оваа институција која произлегува од обвинувањата за партизираност и селективност во работата? Каков треба да биде односот на ЈО со СЈО? Зошто е важно СЈО да продолжи со својата работа?

Ова се дел од прашањата кои ќе бидат отворени на дебатата „Го следиме ли Прибе: Какво обвинителството ѝ е потребно на Македонија на патот кон ЕУ?“, организирана од Здружението Млади Европски Федералисти – Македонија (ЏЕФ Македонија).

Настанот ќе се одржи 29 ноември (среда), во просториите на ГЕМ Клубот (Менада, Стара скопска чаршија), со почеток од 18 часот.

На темата ќе говорат Катица Јанева, Специјална јавна обвинителка, Лидија Раичевиќ, јавна обвинителка во основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Елена Андреевска, професорка на ЈИЕ и една од кандидатите за републички јавен обвинител, Гордан Калајџиев, професор по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан I“ и член на Советот за реформи во правосудниот систем при Министерството за правда и адвокатот Жарко Хаџи Зафиров.

Од ЏЕФ потенцираат дека во Република Македонија во тек е постапката за избор на нов републички јавен обвинител. Истовремено, еден од најголемите предизвици за македонската демократија е реформата во правосудството.

„Деполитизацијата при одлучувањето и изборот на јавните обвинители и судииите претставува еден од итните реформски приоритети поставени од Европската комисија и клучна препорака на Групата експерти по право предводена од Прибе“, стои во повикот за дебатата на ЏЕФ.