Правдата за Иловица, компанијата Еуромакс ќе ја бара пред меѓународен суд

„Еуромакс Ресурси“, копманијата што требаше да го гради рудникот Иловица Штука, велат дека правдата ќе ја бараат пред меѓународен суд откако владата одлучи еднострано да го раскине договорот за концесија.

Од компанијата велат дека сите нејзини обврски биле навремено завршени.

„Ние разбираме дека причината за откажување е наводното недоставување на сите потребни документи од нашата апликација за дозвола за експлоатација. Сепак, можам да кажам дека сите документи зависеа од завршувањето на другите процеси со Владата. Нашите апликации датираат од пред речиси четири години, бевме трпеливи и вредно работевме заедно со Владата да ја завршиме постапката околу нашето одобрение“, велат од компанијата.

Потсетуваат дека Управниот суд сè уште нема донесено пресуда за случајот, па оттука го спорат раскинувањето на договорот за концесија од страна на владата. Додаваат и дека работата на компанијата нема никакво негативно влијание врз квалитетот на воздухот, земјоделството или здравството.

Сигирни се дека Еуромакс има силен случај за заштита на меѓународните инвеститори, но најавуваат дека прво ќе се обидат да преговараат заедно со Владата за да се реши спорот.

„Сите договори предвидуваат дека, пред да се извести за арбитража во меѓународен центар за арбитража, оштетената страна – тоа е Еуромакс и Владата заеднички да преговараат за да го решат овој спор“, сметаат адвокатите на копнаијата и додаваат: „Според тие договори за заштита на инвеститорите, Владата ја прекрши должноста да обезбеди фер и правичен третман на инвеститорите на нејзината територија (FET стандард). Како и должноста Северна Македонија да ги даде потребните дозволи во врска со инвестицијата и должноста да ги заштити инвестициите направени на територијата. Уништена е довербата создадена од Владата, врз основа на која се донесени решенија за материјално инвестирање и Владата е одговорна за тие активности “.