„Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални“ – 12. издание на „Вечери на женски права“

Институтот за човекови права го најави 12-тото издание на Вечерите на женски права, коj ќе се одржи на 8ми Март од 12:30 до 14:00 часот во киното Фросина при Младинскиот културен центар – МКЦ, а ќе може да се следи на платформата ZOOM.

Овој настан насловен како „Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални – како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на Ковид-19?“ се организира со поддршка на Град Скопје и UN Women канцеларијата во Скопје, а во соработка со Award Film & Video.

UN Women ја објави темата за Меѓународниот ден на жената, 8 март 2021 година како: „Жени во лидерство: Постигнување еднаква иднина во светот на Ковид-19“. Оваа тема ги слави огромните напори на жените и девојките ширум светот во обликувањето на порамноправна иднина и закрепнување од пандемијата Ковид- 19.

„Жените се во првите редови во справувањето со кризата КОВИД-19, како здравствени работници, негувателки, иноваторки, организаторки на заедницата и како едни од најефикасните национални лидери во борбата против пандемијата. Кризата ја истакна и централноста на нивниот придонес и диспропорционалниoт товар што ги носат жените. За таа цел говорничките на дискусијата ќе се осврнат на различните аспекти кои имаат влијание врз секојдневните животи на мноштво жени, а се како директен резултат на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД – 19“, стои во најавата.

За време на настанот ќе биде обезбеден превод на албански јазик.

Присуството на овој настан може да се пријави на следниот ЛИНК или со одговор на следната е-маил адреса: tamara.donevska@ihr.org.mk.

Само до потврдените учесници ќе биде испратен линк за следење на сесијата. Линкот за следење на сесијата ќе биде испратен на 05.03.2021 година.