Порастот на нивото на морето ќе ја чини Европа 872 милијарди евра

Зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени ќе ја чини Европа до 872 милијарди евра до 2100 година, а делови од Италија, особено нејзините северни региони Емилија-Ромања и Венето, северозападна Франција, Холандија, Данска, балтичките држави и Полска, се сметаат за најзагрозени, според нова студија, пренесува Ал Џазира Балканс.

Ова се резултатите од студијата спроведена од Технолошкиот универзитет во Делфт со учество на Европскиот институт за економија и животна средина од Милано и Универзитетот Ка Фоскари во Венеција, а објавени во списанието Scientific Reports.

Авторите велат дека резултатите укажуваат на потребата од имплементација на економски политики специфични за одреден регион, чија цел е да се настојува за справување со можното влијание на подигнувањето на нивото на морето и да се ограничат штетите.

Како дел од студијата, истражувачите го симулираа можното економско влијание на порастот на нивото на морето на 271 европски регион од сега до 2100 година, според сценарио кое вклучува високи емисии на загадувачи и не ги вклучува најновите мерки за заштита на крајбрежјето.