Поради климатските промени мечките сè почесто го прескокнуваат зимскиот сон

Поради интензивните климатски промени и зголемувањето на температурите, мечките почесто ја прескокнуваат зимската хибернација и остануваат активни во текот на целата годината, што влијае на нивниот животен циклус, вели истражувачката на Биолошкиот факултет на Универзитетот во Белград Неда Богдановиќ, пренесува Н1.

Таа објаснува дека мечките, како и некои други помали цицачи, одат во хибернација поради падот на телесната температура во текот на зимата, како и поради недостатокот на храна.

За разлика од многу други цицачи, температурата на телото на мечките не опаѓа значително, па затоа може да се сметаат за факултативни хибернатори, објаснува Богдановиќ. Тоа значи дека мечките, доколку има доволно храна во природата, а температурата не е премногу ниска, можат да не одат во хибернација.

Последицата од неодењето во хибернација кај мечките може да биде продолжување на периодот во кој тие доаѓаат во контакт со луѓе.