Полициски час во Лондон за вечерашниот „Марш на милион маски“ на Анонимус

Илјадници луѓе се очекува да учествуваат во глобалните протести „Марш на милион маски“, организирани од мрежата Анонимус, кои вечерва треба да се одржат на повеќе локации во светските метрополи, но најголемиот од нив се очекува во центарот на Лондон.

Луѓе под маски инспирирани од филмот V for Vendetta, кои се и заштитен знак на хактивистичката мрежа, ќе демонстрираат против економијата на штедење, корупцијата на властите, набљудувањето на комуникациите како и намалувањето на граѓански права.

На фејсбук најавата која повикува на протестите, пријавени се преку 20 илјади луѓе.

„Ги повикуваме сите активисти, работници, студенти, доктори, медицински сестри и сите оние кои сакаат да видат позитивна промена во светот да ни се приклучат, во 18:00 часот на Трафалгар Сквер. Владата и тој 1% го повлекоа нивниот потег, сега е ред на нас“, пишува во повикот за протестот.

Лондонската полиција најави дека по 21:00 часот воспоставува полициски час во центарот на градот. Сите што по тоа време ќе продолжат да протестираат во групи на централниот Трафалгар Сквер, можат да бидат уапсени, предупредија Скотланд Јард. Овие рестрикции се оправдуваат со инцидентите кои на овие протести се случиле претходните години.

„Маршот на милион маски“ стана глобален феномен од 2011 година, организиран од заедницата Анонимус, со протести во голем број светски метрополи – но најмногу фокусирани на Лондон.

Без предводници и без официјална структура, собирите често беа анархистички и насилни. Минатата година, обидот од полицијата да го спречи движењето на демонстрантите доведе до судири и бес од двете страни. Полицијата ги разбиваше групите со пендреци, додека граѓаните одговараа со пиротехника. Искршени беа повеќе излози на продавници, а уништено и запалено беше и едно полициско возило паркирано во близина на Парламентот.