Покрената петиција во Русија против убивање на улични животни поради подготовките за СП во фудбал

Повеќе од милион лица ја потпишаа онлајн петицијата во која бараат од руската Влада да престане со убивање на улични животни, кои ги отстрануваат од улиците како дел од подготовките за овогодишното Светско првенство во фудбал.

„Не бараме многу, само правете го она што го прават и другите земји за да нема крвопролевање“, се наведува во петицијата.

Акцијата почна кон крајот на јануари, откако руска активистка за заштита на животни Екатерина Димитриева го откри владиниот тендер за „решавање“ на проблемите со животните – скитници во градовите каде ќе се одржи првенството, а каде се очекуваат околу милион туристи.

„Јас лично наидов на тендери вредни 110 милиони рубљи за оваа намена“, наведе Димитриева.

По бројните реакции, руската Влада вети дека ќе направи „привремени засолништа“ за бездомните животни кои ќе бидат заловени во близина на локациите за Светското првенство. Според руските власти, околу 2 милиони бездомни животни се на улица во 11 градови домаќини на Светското првенство.