„Погледни од мојата страна“ – добротворен настан за Светскиот ден на борбата против ХИВ/СИДА

По повод Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА, „Заедно пислни“ организира добротворен настан за подигнување на јавната свесност и прибирање на средства „ПОГЛЕДНИ ОД МОЈА СТРАНА“. Настанот го организира Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, во склоп на активностите за одбележување на денот, а ќе се одржи во MKC Club & Restaurant на 1 декември (петок) во 20:00 часот.

Овогодишната кампања е целосно развиена од заедницата на луѓе што живеат со ХИВ во Македонија. Целта е да се подигне јавната свесност во Македонија дека ХИВ денес е состојба која релативно лесно се третира благодарејќи на антиретровирусната терапија којаштоим овозможува на луѓето со ХИВ да имаат здрав, квалитетен и долг живот.

Настанот за одбележување на Светскиот ден на СИДА ќе вклучи кратки пригодни обраќања и музички настап на гудачки квартет на Пламенка Трајковска.

Средствата собрани за време на настанот ќе придонесат за одржување на редовните активности за поддршка на лица со ХИВ во неповолна социјална положба, а кои вклучуваат покривање на патни трошоци за редовно подигнување на терапијата и редовна здравствена проверка (единствено достапни во Скопје), скромна месечна поддршка во основни прехранбени и хигиенски производи, како и за итни здравствени потреби.