„Под кожата“: Прва самостојна изложба на Надја Петровиќ

На 4-ти септември ќе биде отворена првата самостојна изложба на младата ликовна уметница Надја Петровиќ, насловена „Под кожата“.

Петровиќ, родена 1991 година во Битола, е магистар по ликовна уметност и визуелни уметности на Академијата за убави уметности во Фиренца, а по учество во групни изложби во Лондон и Фиренца, ова ќе биде нејзино прво претставување пред домашната публика.

„Главно и почесно место во сликарската поетика на Петровиќ има човекот и неговите емотивни и афективни состојби. Доближувајќи се до човековото лице и тело, авторката не останува на површината на перцепцијата; напротив, таа нурнува под кожата, под она што е видливо на површината. Понирајќи во длабочината на човековата психа и копајќи во просторите на ирационалното и заумното, далеку од сувопарниот реалистичен приказ, сликарската четка на Петровиќ ги акцентира состојбите на растрепереност и вознемиреност, на траума и страдање, моментите на стоењето на работ, човековите лиминални состојби“, пишува Славица Гаџова – Свидерска, во рецензијата на изложбата.

Изложбата ќе биде свечено отворена во 20 часот во галеријата на НЛБ Банка, а ќе биде поставена до 19-ти септември.