Почнува Неделата на дизјан во Скопје – земја во фокус е Германија

Објективност е темата на осмото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week) што ќе се отвори утре во Јавна соба, а ќе трае до 25 ноември.

Земја во фокус е Германија како велесила во дизајнот, особено во сферата на дизајн на производ. За првпат од годинава, организирана е посета на фабрики за мебел со цел да се поттикне соработка со дизајнерите од други земји и компаниите.Германија ќе се претстави со 12 светски познати дизајн студија, отворени презентации на дизајнерите, посета и соработка со производители од Македонија кои сакаат да настапат на германскиот пазар.

Меѓународната изложба ЕКСПО (EXPO) годинава ја сочинуваат 8 компании од Македонија, 15 млади дизајнери од регионот и две дизајн академии од Белград со прототипови од маси, столови, штендери, клуб-маси, расвета, фотелји, радијатори, декоративни елементи…

Ѕвезди на разновидната музичка програма годинава се српскиот музички продуцент и диџеј Марк Фанк кој ќе настапи на отворањето на 21. ноември, џез групата ЗАА (24 ноември) и хрватската диско-панк атракција „Лолобригида” (23 ноември), а во текот на Неделата на дизајнот музика ќе пуштаат и диџеите Константин, Марко Рикалоски, Еми Ермилова, Ју-Екс, Соул Кејс, а ќе настапи и српската пејачка Бојана Вунтуришевиќ.

Гастрономските истражувања премиерно годинава се во форма на кулинарско шоу на популарниот белгиски мастер шеф Марк де Јонг од 23 до 25 ноември тој ќе готви и дизајнира храна заедно со гостите: поетесата Марта Маркоска, актерката и активистка Ирена Ристиќ и модните менаџери од Скопскиот моден викенд. На отворената сцена тој ќе им покаже неколку кулинарски трикови со цел да им ги подобри готвачките вештини, а од нив ќе учи за поезијата, еко-активизмот и модниот стил. Публиката која ќе го следи настанот, ќе ја дегустира храната на лице место.

Двете мултимедијални детски работилници, на 24 и 25 ноември, годинава се на тема „Шумски животни”. Под водство на Дора Локвенец, Марина Таневска и Тамара Димитрова, децата од 5 до 7 години ќе создаваат брошеви, бележници за книги, кутии за моливи, инспирирано од мотиви на шумски животни и со користење на рециклирани материјали.

На експерименталната работилница за дизајн на производи, која е веќе во тек до 22. ноември, македонски дизајнери и архитекти заедно со осум мастер студенти од Факултетот за продукт и моден дизајн при Универзитетот за уметност од Берлин (Univerzität Der Künste Berlin), предводени од светски познатата дизaјнерка и нивни професор, Инеке Ханс, заедно со архитектката и керамичарка Анета Поповска и виртуозот за плетење трска на разбој Петар Благојевски ќе создадат нови дизајн решенија за домаќинство и угостителство. Работилницата се реализира во керамичкото студио Липа на Матка, а сите производи ќе бидат изложени на Неделата на дизајн во Скопје.

Недела на дизајнот во Скопје е дело на Јавна соба – Центар за дизајн и иновација, во соработка со Делегацијата на германското стопанство со канцеларија во Македонија.

Активностите ќе се реализираат во Јавна соба и Лукс секој ден од 10:00 до 1:00 часот, а влезот за сите посетители е слободен.