Почина оскаровецот Милош Форман, режисерот на „Амадеус“ и „Лет над кукавичиното гнездо“

Милош Форман, филмски режисер роден во Чешка, кој стекна слава во Холивуд со оскаровските класики „Лет над кукавичиното гнездо“ и „Амадеус“, почина на 86-годишна возраст, објави во четвртокот чешката новинска агенција ЦТК.

„Неговото заминување беше мирно и цело време беше опкружен од неговото семејство и неговите најблиски пријатели“, соопшти неговата сопруга.

Форман е роден во чешкиот град Часлав на 18 февруари 1932 година, но се преселил во САД по задушувањето на „Прашката пролет“ во 1968 година. Станал државјанин на САД во 1970-тите.

„Лет над кукавичиното гнездо“ и „Амадеус“ добија вкупно 13 „Оскари“, меѓу кои и за најдобар режисер.

Покрај нив, негови позначајни дела се и рок-мјузиклот „Коса“ во 1979 година, „Регтајм“ во 1981 и „Народот против Лари Флинт“ во 1996 година, кој беше номиниран за Оскар таа година.