Почина музичарот Родригез, чија приказна е обработена во документарецот „Барајќи го Шугармен“

Родригез, пејачот и текстописецот чија невообичаена кариера беше предмет на истражување во оскаровскиот документарец „Барајќи го Шугармен“, почина на 81 година.

Веста за смртта била објавена на неговата официјална веб-страна, а причината за смртта е непозната.

„Со голема жал, редакцијата на шугармен.орг известува дека Сиксто Дијаз Родригез почина. Изразуваме сочувство до неговите ќерки Сандра, Ева и Реган, како и до неговото семејство. Родригез имаше 81 година, нека почива во мир“, гласело соопштението.

Музичарот роден во Мичиген, САД, долго време се трудел да ги популаризира неговите два албума објавени во 70-тите, но накрај се откажал, работејќи во други сектори. Но, во меѓувреме, неговата музика станала популарна во Боцвана, Јужна Африка, Австралија и Нов Зеланд.

Неговата култна популарност во Австралија била причина за турнеја во 1979, а во Јужна Африка, албумот станал неверојатно популарен бидејќи се раширил трач дека пејачот се самоубил.

Сѐ  до 1997 година, Родригез не бил свесен за неговата голема популарност во Јужна Африка, но неговата ќерка се информирала за феноменот преку интернет. Уште поголема слава музичарот добил откако неговата песна „Шугармен“ била откриена од Паоло Нутини и јужноафриканскиот бенд „Џаст Џингер“. Оригиналната песна била семплана и во музика од Нас.

Животот на Родригез е тема на документарецот „Барајќи го Шугармен“ (2012), кој е награден со Оскар за најдобар документарен филм, а премиерно бил прикажан на филмскиот фестивал „Санденс“.

Во режија на шведскиот режисер Малик Бенѓелул, филмот го прикажува  животот на Редригез и потрагата по него. По успехот на филмот, албумите на Родригез за првпат влегоа на американските топ листи.

„Сиве овие години, јас секогаш се перцепирав себеси како музичар. Но, се судрив со реалноста“, изјавил Родригез во интервју за „Детроит њуз“ во 2008 година.