Во Штип прв Фестивал за современа музика на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“

Во организација на Музичката академија и Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, во понеделник – 5 јуни во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип, од 19 часот, започнува првото издание на Фестивалот за современа музика.

Фестивалот ќе има цел да промовира млади и талентирани уметници од земјава и од странство, сегашни и идни студенти кои ќе настапуваат во рамките на  фестивалот,  но воедно ѝ нуди можност на македонската публика да слушне настапи и концерти на веќе афирмирани уметници.

„Идејата за формирање и реализација на првиот фестивал за современа музика е резултат на потребата на македонските артисти и широкиот аудиториум за следење на светските музички трендови во областа на музичката уметност. Во својата програма, првото издание на фестивалот води пред сѐ кон промоција на класичната музика на 19 и 20 век и современата музика“, најавуваат од УГД.

На првата фестивалска вечер, 5 јуни од 19 часот, во УГ „Безистен“ ќе настапи реномираното камерно трио „Трио Академико“ во состав Златка Митева – флејта, Бранко Павловски – кларинет и Наташа Трбојевиќ – пијано. На репертоарот ќе бидат изведени дела од Евазен, Кавалини, Шмит, Сен-Санс и Јанковски.

На втората фестивалска вечер, 6 јуни од 19 часот, исто во УГ „Безистен“ ќе настапат најдобрите студенти на Музичката академија кои ќе се претстават со дела од различни композитори и епохи.