Пливачи го препливаа Мртвото Море за да го спречат неговото исчезнување

Дваесет и осум пливачи станаа првите луѓе кои некогаш го препливале Мртвото море, од Јордан до Израел. Иако морето е широко само 17 километри, никој претходно не успеал да го преплива поради концентрацијата на сол во водата, поради што пливањето во неа е особено тешко. За споредба, Мртвото Море има десет пати повеќе сол од Средоземното.

Во текот на осумчасовниот подвиг, костимите за капење на пливачите им станале сосема тврди од кристализираната сол, кожата им била сува и изгорена, а тврдат дека по телото имаат исеченици кои ги немале пред да го почнат пливањето. За да ги заштитат лицата и очите, носеле специјално дизајнирани маски. Во водата биле седум часа.

Најстариот пливач меѓу нив има 68 години.

„Не ми се верува. Ова е многу емотивен момент“, вели маратонската пливачка од Нов Зеланд, Ким Чемберс.

„Се работи за најдобра тимска работа. Еве што се случува кога ќе се спојат 28 луди луѓе кои мислат дека е добра идеја да се плива преку Мртвото Море“.

Чемберс и групата пливачи од сите страни на светот сакаат да ја зголемат свесноста за огромната брзина со која опаѓа нивото на вода во Мртвото Море, кое е најниското и едно од најсолените водени корита на светот. Морето е во опасност дека ќе исчезне, бидејќи нивото му се намалува за еден метар секоја година, според Гидон Бромберг, директор на израелското претставништво на EcoPeace, здружение на земјите од Блискиот исток.

„Исчезнувањето на Мртвото Море не е предизвикано од глобалните климатски промени, туку е последица на владините политики во нашиот регион“, вели Бромберг.

Поголемиот дел од водата од реката Јордан, која го полни Мртвото Море, се користи за други намени.