Планинарското друштво „Осогово“ собира лекови и храна за луѓето од отсечените села во кочанскиот регион поради снегот

По интензивните врнежи од снег што го зафатија кочанскиот регион, повеќе села од Осоговијата се отсечени од цивилизацијата. Во овие села живеат стари и изнемоштени луѓе од кои повеќето се болни и им е потребна помош.

Членовите на планинарското друштво „Осогово“ решија да започнат акција со цел да им помогнат на своите сограѓани и да им ги достават основните работи за прехрана и лекување.

„Расположени сме да испешачиме повеќе од 30 километри за да им ги доставиме продуктите и лековите кои им се потребни за секојдневните терапии“, вели Тошо Антов, член на планинарското друштво, кој упати апел за помош на Фејсбук.

Засега, вели тој, потребни се производи како супи, макарони, зејтин, сол, како и лекови (Аналгин, Кафетин, Парацетамол, витамини…).

Секој кој има желба да донира некаков производ, лек, или пак парични средства, тоа може да го направи на трансакциската сметка 240130000288258 Уни Банка, или да го контактира Тошо Антов на 078 270 724.