„Пиратите од Горно Маало“ на 29-ти декември во Драмски

Најмладата скопска публика, на 29-ти декември во Драмскиот театар во Скопје ќе може да ги погледне авантурите на „Пиратите од Горно Маало“, театарската претстава на Летечката театарска трупа од Тетово.

Претставата е спој помеѓу комедија и мјузикл, а креаторите велат дека се работи за продолжение на една од најуспешните претстави за деца прикажани во земјава.

„Кога во 2007 година беше прикажана премиерата на „Пиратите од Горно Маало“ заедно со репризите и гостувањата во други театри, околу 4000 гледачи ја погледнаа претставата, а нејзините реплики долго време одѕвонуваа низ сеќавањата на безброј деца“, вели асистентот на режија Зоран Јованоски.

Претставата, која изобилува со оригинални костими, богата музичка илустрација и поучни фрази за младите, ја освои Специјалната награда за најдобра детска претстава на фестивалот „ДАФ“.

Летечката театарската трупа е една од ретките составена исклучиво од деца и работи со редовен репертоар повеќе од десет години со изиграни 200 репризи на своите 17 претстави.

Второто продолжение на претставата е наречено „Пиратите од Горно Маало – Враќањето на сенките“, а почетокот е закажан за 19 часот.