Пет угостителски објекти затворени поради непочитување на здравствените протоколи за Ковид-19

Два угостителски објекти во Скопје и по еден во Гостивар, Тетово и Куманово се затворени и добија прекршочни платни налози од Државниот пазарен инспекторат (ДПТ) во периодот од 11 до 17 јануари, поради непочитување на работното време и ограничувањето за четири лица на една маса, информираат од Владата.

Истовремено, инспекторите на ДПТ извршиле 3.159 контроли и 582 надзори поврзани со почитувањето на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна. Оттука, тие изрекле и 19 прекршочни пријави, 102 решенија за констатирани неправилности, како и 50 прекршочни налози.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат пак, извршил 117 надзори и изрекле 20 решенија. Тие издале и 6.576 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19, како и лице кои биле во контакт со заболени лица. Оттаму забележуваат дека продолжува трендот на опаѓање на решенија за изолација.

Инспекторите на Државниот инспекторат за труд во периодот од 11 до 17 јануари, изрекле 19 решенија и четири прекршочни платни налози, односно, осум од решенијата биле донесени поради непочитување на законот за заштита на населението од заразни болести и Протоколот за превентивни мерки за сите работни места. Дополнително, според законот се издадени и четири прекршочни платни налози поради неносење заштитна маска на работно место, стои во соопштението на Владата.

Во меѓувреме, од Владата потсетуваат дека од утре стапува на сила новото работно време за угостителските објекти до 21 часот.