Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Волино, Белчишта и Издеглавје

Патувачкото кино на „МакеДокс“, кое годинава од 10 до 22 август се одвива во Дебарца, ги посети првите три села од оваа област. Веќе на почетокот во селата Волино (10 август), Белчишта (11 август) и Издеглавје (12 август), славна Дебарца почна да ги разоткрива својата бујна природа и бурна историја.

„Митското и реалното во Дебарца склопиле необичен сојуз. Слоевите на традицијата, цивилизацијата и современиот живот создале чудесен амалгам. Епитетот славна го добила со своето минато исполнето со хероизам и борба за слобода на Македонија.

Нејзините географски одредници битно влијаеле врз историските процеси што се одвивале тука. Сместена помеѓу охридско-струшката езерска област на југ, кичевската котлина на север и оградена со Стогово и Караорман на запад и падините на Илинска, Плаќенска и Славеј планина на исток, и во денешно време овозможуваат во Дебрца да се сочуваат старите, но и да се создадат нови легенди“, стои во соопштението.

Следните проекции на Патувачкото кино на „МакеДокс“ се во с. Мешеишта (14 август), с. Слатино (15 август), с. Ботун (16 август), с. Злести (18 август), с. Оровник (19 август), с. Лешани (21 август) и село Велмеј (22 август).

Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, кадешто жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години.

„МакеДокс“ го реализира Патувачкото кино со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на РМ, во соработка со Кинотеката на Македонија и сопствено вложување во проектот.

Шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, со мото „Рум-да-да, дум-та-дум-та!“, се одржа од 20 до 26 јуни 2015 година, во Куршумли-ан и во Младинскиот културен центар во Скопје.