„Парадокси на човековите права“, предавање на Костас Дуцинас во Даут Пашин амам

Утре (29 март), од 20.00 часот во Даут-пашиниот амам, во рамки на проектот „Критичко преиспитување на правото“, ќе се одржи предавање на Костас Дуцинас, насловено Парадокси на човековите права.

Дуцинас е редовен професор на Биркбек во Лондон, и директор на Институтот за хуманистички науки при Биркбек. Се приклучил на правниот департман на Биркбек во 1992 година. Како визитинг-професор се појавува на Универзитетот во Атина, а претходно и на Универзитетот во Париз, Солун и Прага. Во 1997 година преку Жан Моне програмата добива истражувачка позиција во Фиренца, на Европскиот универзитетски институт, а во 1998 година имал истражувачка позиција и на Универзитетот во Принстон и Кардоцо Школото за право. Во 2002 година имал привремени истражувачки позиции и на Грифин Универзитетот, како и на универзитети во Бејжинг и Нанјинг.

Некои од неговите најпознати пробивачки научни дела во областа на критичките правни студии се: Крајот на човековите права (2000), Човековите права и империјата (2007), Критичка јуриспруденција (2005), Логосот на поредокот (1996).

„Со ова предавање, ќе бидат понудени аналитички примери од областа на критичките правни студии за разбирање на концептот на човековите права. Почетно, ќе биде поставена аксиомата на човековите права, која според Костас Дуцинас, прави вовед во седум тези кои се содржани во различни теоретски и дисциплинарни домени. Аксиомата на човековите права преведена како „крај на човековите права“ е поставена со цел да противречи на јавните и приватните форми на доминација и опреција; имено, таквиот крај се постигнува токму со политичката идеологија или идолатрија на неолибералниот капитализам или современата верзија на она што треба да претставува цивилизирачка мисија.
Теза #1: Човештвото не е споделена вредност. Нема фиксно значење и не може да се однесува како извор на морални и правни правила. Историски гледано, идејата за човештво била употребувана како стратегија за онтолошко раслојување на целосно човечки групи, помалку човечки групи и нечовечки групи.
Теза #2: Моќта и моралот, империјата и космополитанството, суверенитетот и правата не се фатални непријатели. Туку, специфични историски амалгами на моќ и морал ги формирале различните поредоци во различни епохи и во различни општества.
Теза #3: Пост-1989 поредокот прави комбинација со економски систем кој генерира огромни социјални нееднаквости и притисок, со помош на јуридичко-политичките ветувања за достоинство и еднаквост. Огромната нерамнотежа на таквиот поредок води до негова пропаст.
Теза #4: Наместо да бидат спротивни полови, универзализмот и комунитаризмот се два типа на хуманизам, зависни еден од друг. Тие се контролирани од онтологијата на еднаквите поединци.
Теза #5: Во напредниот капитализам, човековите права може да бидат искористени со цел да ја деполитизираат политиката.
Теза #6: Во напредниот капитализам, човековите права стануваат стратегија за декларација и легализација на алчни, индивидуални желби.
Теза #7: Спротивно на космополитизмот на глобалниот неолиберализам, космополитизмот-во надоаѓање треба да го понуди доцно-модерниот принцип на правда“, стои во краткиот опис на предавањето.

Настанот се одржува со помош и во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт-Скопј и македонското Министерство за надворешни работи.