Овогодинешниот Марш на толеранција посветен на лицата со попречености

Со рута од Музејот на Град Скопје, преку улицата „Македонија“ па до паркот ,,Жена борец” спроти Собрание, во среда (15 ноември) во Скопје од 15 часот ќе се одржи овогодишниот Марш на толеранција, посветен на лицата со попречености.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија секоја година го организира маршот по повод Меѓународниот ден на толеранцијата, за одредена област или ранлива група во нашето општество.

Според Комитетот, целта на маршот е да се покрене свесноста за потребата за активно вклучување на лицата со попреченост во општествениот, јавниот и политички живот.

„Имајќи предвид дека една од главните пречки за непречено движење на лицата со физичка попреченост, особено оние кои се наоѓаат во инвалидски колички и слепите лица е неприлагодениот урбанистички простор, би сакале на овој Марш да ја покренеме свесноста преку акција за обележување на непристапните места и тротоари долж рутата, кои обележувања би послужиле како насоки за натамошни корекции од страна на градските власти.

По завршувањето на маршот во паркот ,,Жена борец” ќе има неколку обраќања од учесниците. Маршот е поддржан од повеќе здруженија, институти, сојузи и фондации поврзани со развој и унапредување на инклузивно општество, за здравствена едукација и ранливи групи итн.