До 23 октомври е отворен конкурсот за пријавување за учество на „Лузер Фест 2017“, настан кој е посветен исклучиво на промоција на младите и новите, а сѐ уште неафирмирани музичари и музички групи од Македонија!
Од „Пасворд“ велат дека конкурсот е едноставен како и минатата година.
„Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови до 23-ти октомври 2017 да испратат 3 свои песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават: три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат), контакти, фотографија и кратка биографија на бендот и членовите“, велат од „Пасворд“.
Пријавите, најдоцна до 23-ти октомври 2017, треба да бидат испратени преку онлајн формуларот објавен на САЈТОТ (или на и-мејл адресите info@password.mk и lina@password.mk).
Победникот на „Лузер Фест“ и оваа година ќе биде награден со снимање на својот прв студиски албум и негово објавување под капата на „Пасворд Продакшн“. Покрај главната награда, велат од организацијата, „Таксират“ и годинава ќе ги вложи сите свои расположливи сили за поттик и промоција на најдобрите од новото издание на „Лузер Фест“ во рамки на музичките фестивали кај нас, во регионот и низ Европа.
„Жирито е веќе на кондициони подготовки, се спремаат гласачките ливчиња за публиката и конкурсот е во тек!“, соопштува „Пасворд“.
Од таму потенцираат дека ги задржуват правата да објават компилација од сите групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“. Понатаму, пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани.
Исто така, „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи. Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување.