Остри осуди за сексистички говор на новинари кон обвинителката Фетаи и портпаролката на министерката Ангеловска

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска преку соопштение го сексистичкиот говор на дел од новинарите, на Фејсбук и во медиуми.

Од ЗНМ се осврнаа на ФБ објавата на новинарот Љупчо Златев Фејсбук во која вели дека Обвинителката Фетаи „Нема да може ни да пие од тага, затоа што таму во Боговиње за пиење жените ги тепаат..“, за која може да се смета дека  поттикнува дискриминација и нетрпеливост врз основа на пол и национална, односно етничка припадност.

„Оваа непримерна комуникација не е во согласност со Етичкиот кодексот на новинари каде во членот 10 се вели: „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)“, посочуваат од ЗНМ.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права пак, освен осуда за ФБ статусот на Златев, најавија дека денеска поднеле претставки до Советот за етика во медиумите против порталите expres.mk и vistina.com.mk за вознемирување врз основа на пол и род. Порталите во спорните објави го коментираат составот на кабинетот на новата министерка за финансии.

„По неприфатливите изјави на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ при изборот на Нина Ангеловска, овие медиуми пласираат омаловажувачки коментари за Ана Марија Макеска, координаторка за социјални медиуми и односи со јавност во Министерството за финансии. Коментирајќи го нејзиниот физички изглед со намера да ја дискредитираат нејзината професионалност, вршат дискриминација кон сите жени омаловажувајќи ги нивните работни способности. Најостро ги осудуваме ваквите известувања и создавање на текстови и изјави кои жените ги ставаат во подредена позиција и го повредуваат начелото на рамноправност помеѓу мажот и жената“,  посочуваат од Хелсиншки.

Оттаму ја повикаа Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, согласно своите законски овластувања да поведе постапка за заштита од дискриминација по службена должност и да утврди вознемирување врз основа на пол и род.