Општина Аеродром формира работна група за граѓаните: „Мајчин дом“ никогаш да не се повтори

Следната недела Општина Аеродром ќе објави јавен повик за членови во ново партиципативно тело од областа на урбанизмот. Неговото формирање беше најавено на вонредната седница на Советот и како што велат од Општината, ќе служи за „Мајчин дом“ никогаш да не се повтори.

„Со формирањето на партиципативното тело, Општината им овозможува на граѓаните директно да учествуваат во урбанистичкото планирање. Со овој механизам гарантираме дека Мајчин дом никогаш веќе нема да се повтори. Граѓаните и правните лица отсега ќе имаат можност активно да учествуваат во процесот на планирање и изготвување плански решенија за Општината и да спречат обиди за узурпација на животната средина и носење штетни ДУП-ови од која било власт“, се вели во соопштението.

Партиципативното тело ќе се состои од девет члена и тоа: еден од редот на членовите на Советот, двајца по предлог на облиците на месна самоуправа, двајца по предлог на здруженија на граѓани, двајца од здруженија на стручни лица од областа на урбанизмот и     двајца од областа на општинска администрација.

„Отсега одлуките ќе ги носиме заедно, ќе овозможиме хумано живеење и подобри услови за сите граѓани на Општина Аеродром“, стои во соопштението.

Но, граѓаните не се откажуваат од „Мајчин дом“. Тие најавија нов протест за денеска во 18 часот.

„Да излеземе и да го искажеме повторно нашиот став во 18 часот кај црквичката кај поставената ограда на градилиштето. Оваа зграда не смее да се гради, Општината нека му ја надомести штетата на инвеститорот. Да не им дозволиме на властите да се богатат на сметка на нашето здравје и на сметка на здравјето на идните генерации“, се вели во повикот за протест.