Онлајн дискусија на тема „Естетизацијата на хип-хоп културата“ во КСП Центар „Јадро“

КСП Центар-Јадро својата онлајн програма ја продолжува на 10 октомври, преку онлајн дискусијата на тема „Естетизацијата на хип-хоп културата“ на Анастас Гоџо.

Дискусијата ќе се одржи онлајн, со почеток во 19:30 часот на „Фејсбук“ профилот на КСП Центар „Јадро“, а ќе се разговара за асимилирањето на хип хоп културата, т.е. како се изместија нејзините примарни мотиви како борбата против расните, социјалните и класни раслојства во култура на елитизам, висока култура и мода, со тоа станувајќи главен амбасадор и промотор на она против кое првично се борела.

Дискусијата примарно ќе се обиде да ги анализира начелното значење на хип хоп културата и нејзината борба против систематската дискриминација на афро-америчката популација, присуството на високата мода во хип хоп-от уште од неговите почетоци па се’ до денес, фасцинација кон материјалното: како движење кое претставува бунт и револт, прерасна во аспирација кон луксузни модни брендови, луксузни автомобили, вили и накит.

„Поентата на оваа дискусија е да се поттикнат неколку прашања околу развојот на хип хоп-от како движење кое моментално доживува најголема експанзија во музичката индустрија, и може слободно да се каже дека е рамо до рамо со популарната музика, всушност самиот хип хоп станува поп музика и креира трендови кои влијаат на помладите генерации.Естетизацијата започнува во оној момент кога сетилноста ја заменува идејата, односно во моментот кога во преден план доаѓа изгледот и вајбот, носејќи го самиот тренд, а пораката односно суштината останува во втор план“, велат организаторите.

Анастас Гоџо е дипломиран професор по филозофија со посебен интерес кон естетиката како филозофска дисциплина. Заљубеник во хип-хоп културата, будно ги следи случувањата внатре во неа и се интересира да го истражува нејзиниот развој и влијанието кое го црпи и од музички и од социо-културолошки план. Модератор на дискусијата ќе биде Ѓорѓи Пулевски. По дискусијата, публиката ќе може да учествува со свои коментари и прашања.