Оксфордската вакцина покажува силна имунолошка реакција кај постарите луѓе

Резултатите од испитувањето на вкацината за коронавирусот која ја развива Универзитетот во Оксфорд во соработка со компанијата „АстраЗенека“ упатуваат на тоа дека таа резултира со силен имунолошки одговор кај постарата популација која се смета за најризична, објави лондонскиот весник „Фајненшл тајмс“, а пренесува хрватски „Индекс“.

Се верува дека оваа вакцина ќе биде пресвртна точка во борбата против коронавирусот од кој досега починаа повеќе од 1.15 милиони луѓе ширум светот, кој ја уништи глобалната економија и го запре нормалниот живот на луѓето низ целиот свет.

Вакцината предизвикува имунолошки одговор, што резултира со создавање на антитела и Т-клетки кои успешно се борат против коронавирусот кај постарите луѓе, пишува „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на информации добиени од две лица кои се запознаени со резултатите.

Крвните тестови за имуногеност спроведени спроведени врз подгрупа на постари учесници во студијата одговараат на податоците објавени во јули, кои покажаа дека вакцината генерира „силен имунолошки одговор“ кај група здрави возрасни лица на возраст од 18 до 55 години.

Компанијата и универзитетот сепак, сѐ уште немаат одговорено на барањето на „Ројтерс“ за да ги искоментираат резултатите.

Се очекува дека деталите од испитувањата наскоро ќе бидат објавени во некое стручно медицинско списание, но „Фајненшл тајмс“ не наведува за кое станува збор. Исто така, се посочува дека позитивните тестови за имуногеност, односно способноста да се стимулира имунолошкиот одговор, не гарантираат дека вакцината на крајот ќе се покаже безбедна и ефикасна кај постарите лица.

„АстраЗенека“ која ја развива вакцината заедно со истражувачи од Универзитетот во Оксфорд, се смета за лидер во трката за производство на вакцина против Ковид-19.