„Охрид СОС“ реагира за сеча на дрворед на булеварот „Туристичка“

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ денеска се јави со реакција за сечата на дрворедот на тротоарот на булеварот „Туристичка“ кој моментално се реконструира од Општина Охрид.

„Дека Општина Охрид постапува нетранспарентно, самоволно и без консултација со стручната и поширока јавност, покажува и последнава ‘реконструкција’ на булеварот ‘Туристичка’, каде покрај прередување на тротоарите, како да е нешто сосема обично, се протнува и сеча на цел дрворед на тој потег“, се вели во нивната Фејсбук објава.

Од таму потенцираат дека тоа се прави во период на вонредна состојба, кога раздвиженоста е намалена со цел да се избегнат реакции од граѓаните, и додаваат дека во моментов дрвјата се веќе исчеени.

„Дрвјата беа здрави, правеа убава сенка, особено во летниот период, не претставуваа опасност за минувачите, единствено поради поголемите корени, на одредени места го поткреваа тротоарот. Никакво известување зошто, врз основа на какви аргументи комисијата дала одобрение за сеча, само една реченица дека ‘освен асфалтирање, поплочување и поставување на нови рабници, планирана е замена на стариот дрворед со нови соодветни садници’“, додаваат од „Охрид СОС“.

Од иницијативата во однос на садењето нови дрва на истото место од врста која е автохтона за Северна Америка, потсетуваат и на нацрт-извештајот за стратегиска оценка на Локалниот еколошки акционен план за животна средина (ЛЕАП) за Општина Охрид, каде велат дека стои „користење автохтони видови при уредување на зелените површини“.

„Исто така, ова се коси и со препораката 19 на ‘УНЕСКО’, каде е спомната автохтона вегетација. Но кому му е гајле за препораките, тоа помина, моментално се одговори и можеме да тераме по старо“, додаваат од „Охрид СОС“.

Оттаму посочуваат на членот 36 во Законот за природа, а додаваат дека не им е познато според кои закони и одредби се водат локалните административци.

„Но ова самоволие никако да прекине. Молчат и советниците, молчат сите. Дрвјата не се битни. Обична реконструкција. Прашање е дали ќе ги следат компензациските мерки за исечено стебло, пропишани во член 36 од Законот за урбано зеленило, каде се вели: Со решението за сечење на дрва се утврдува обврската на подносителот на барањето, да изврши компензациско садење со соодветен број дрва чиј збирен пречник одговара на пречникот на пресеченото дрво, при што новите дрва треба да бидат постари од шест години. Ако пресеченото дрво се наоѓало во централно градско подрачје, компезациското садење изнесува двоен вкупен пречник на исеченото стебло“, посочуваат од иницијативата.

Општина Охрид на својата веб-страница објави известување за реконструкција на тротоарот и велосипедските патеки на булеварот „Туристичка“. Оттаму посочуваат дека деновиве започнале работните активности на булеварот, во потегот од крстосницата со улица „Јане Сандански“ до крстосницата со улица „Даме Груев“.

„Освен асфалтирање, поплочување и поставување на нови рабници, планирана е замена на стариот дрворед со нови соодветни садници. На местото на старите стебла ќе бидат засадени нови дрвја од видот Лириодендрон тулипифера“, се вели во соопштението на Општината.