Охрид SOS: И покрај сите приговори на локалните жители, хотелот во Лагадин се гради

И покрај приговорот што безмалку сите Лагадинци го потпишаа против урбанизација на крајбрежјето и непланско менување на ДУП-от, односно по ново, Општиот акт за село Лагадин, и покрај сите препораки и предупредувања на UNESCO и Mинистерството за животна средина и просторно планирање, и покрај масовно потпишаната петиција, сепак урбаната мафија во соработка со корумпираната Општина Охрид продолжува по свое, реагираат од иницијативата Охрид SOS.

Според Охрид SOS, изградбата е поддржана од холандскиот тур-оператор TUI, кој, како што велат, во светот пропагира заштита на природата и екологија, а во Македонија изградба на хотел во инаку заштитен појас.

„Денес е крајниот рок за поднесување жалби против изградба на хотелот во Лагадин, но жителите на Лагадин, поточно нивните приговори, жалби и барања се постојано игнорирани од страна на Општина Охрид. Згора на тоа, постапката е очигледно веќе започната, непосредно до самото крајбрежје и појасот на трската која поради своите екосистемски вредности е со закон заштитена зона. Зошто за овој градежен план не е изработена Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина пропишана со закон? Со овој чин Секторот на урбанизам при Општина Охрид уште еднаш ја покажа својата нетранспарентност и корумпирана активност во полза на поедини интереси што е казниво според закон“, стои во реакцијата на Охрид SOS.

За иницијативата сето ова ништење на природата не е само на сметка на месното население и граѓаните на Охрид, туку, велат тие, воопшто на сметка на целата држава затоа што загубите на непроценливото природно наследство ќе бидат трајни.

„Да не заборавиме, штетите од големи размери, еднаш нанесени, не можат никако и никогаш да бидат надоместени! Им благодариме на нашите совесни сограѓани, поддржувачи на иницијативата, кои ги споделија овие фотографии и укажаа на подмолниот начин на функционирање на институциите, без најава, без претходно запознавање на граѓаните со намерите, на ова ладно време, веќе да започне со демонтирање и рушење на постоечкиот објект. #ОхридSOS #Лагадин #Реално“, соопштува иницијативата.